Во согласност со член 46 од Законот за задолжителни нафтени резерви („Службен весник на Република Македонија“ бр. 144/14, 178/14, 199/15, 197/17 и 7/19 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 275/19, 150/21, 236/22 и 147/24 – во натамошниот текст: ЗЗНР), постоечката Дирекцијата за задолжителни резерви на нафта и нафтени деривати која беше основана согласно Законот за задолжителни резерви на нафта и нафтени деривати („Службен весник на Република Македонија“ бр. 84/08, 35/11, 84/12, 43/14 и 83/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 101/19), со денот на отпочнување со примената на ЗЗНР на 01 јануари 2021 година, продолжи да работи како Македонска агенција за задолжителни нафтени резерви, односно од 13 јули 2021 година како Агенција за задолжителни нафтени резерви (во понатамошниот текст: МАКОРА).
Со донесувањето на ЗЗНР во 2014 година е извршено усогласување на домашното законодавство со директивите од европското законодавство од областа на нафтените резерви, односно во овој закон се транспонирани одредбите од Директива 2009/119/ЕУ на Советот од 14 септември 2009 година, за наметнување на обврска на земјите-членки да чуваат минимум резерви на сурова нафта и/или нафтени производи и одредбите од Директивата за спроведување (ЕУ) 2018/1581 на Комисијата од 19 октомври 2018 година за изменување на Директивата 2009/119/ЕЗ на Советот за методите за пресметување на обврските за чување резерви.
Согласно ЗЗНР, МАКОРА е самостојно, независно и непрофитно правно лице кое извршува работи од јавен интерес и е централно тело за чување на задолжителни резерви, единствено овластена за формирање, одржување, чување и продажба на задолжителните резерви на Република Северна Македонија.
ОБВРСКА ЗА ЧУВАЊЕ НА ЗАДОЛЖИТЕЛНИ РЕЗЕРВИ
Работењето на МАКОРА се заснова на принципите на стручност, професионалност, транспарентност и одговорност за работењето. За својата работа МАКОРА одговара пред Владата на Република Северна Македонија.
Задолжителните резерви се формираат и чуваат со цел да се обезбеди непречено снабдување на пазарот со сурова нафта и/или нафтени деривати во случај на нарушена енергетска сигурност предизвикана од вонредно пореметување и значителен и ненадеен пад во снабдувањето на пазарот со сурова нафта и нафтени деривати, според одредбите на ЗЗНР и подзаконските акти кои од него произлегуваат. Вонредното пореметување на снабдувањето може да биде предизвикано со нарушување на регионалниот пазар на сурова нафта и нафтени деривати и/или од причини и услови на чие настанување неможе да се влијае, a се случиле на територијата на Република Северна Македонија и/или во земјите преку кои се врши увоз на сурова нафта и нафтени деривати за потребите на пазарот во Република Северна Македонија.
Задолжителните резерви се користат:
- во случај на нарушување и пореметување во снабдувањето со нафтени деривати кое може да биде предизвикано на пазарот во Република Северна Македонија,
- и заради исполнување на меѓународните обврски на Република Северна Македонија.
Формирање на задолжителни резерви
Согласно закон задолжителните резерви се формираат постепено, со цел да се обезбеди вкупните задолжителни резерви кои се чуваат во секое време во Република Северна Македонија да одговараат на најмалку 90 дена од дневните просечни нето увози или на 61 ден од просечната дневна домашна потрошувачка, во претходната календарска година, во зависност од тоа која од двете наведени количини е поголема.
Структура на задолжителните резерви
Задолжителните резерви кои се чуваат во форма на готови производи се составени од еден или повеќе видови на нафтени деривати класифицирани во следниве категории:
- лесни дестилати или лесни нафтени деривати (течни нафтени гасови ТНГ-бутан, пропан и смеса од бутан и пропан, сите видови моторни бензини и авиобензини),
- средни дестилати или средни нафтени деривати (сите видови дизел за автомобили, гасно масло или Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) и керозин) и
- тешки дестилати или тешки нафтени деривати (сите видови мазут) и друго (битумен и нафтен кокс).