За нас
Во согласност со член 46 од Законот за задолжителни нафтени резерви („Службен весник на Република Македонија“ бр. 144/14, 178/14, 199/15, 197/17 и 7/19 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 275/19 и 150/21 – во натамошниот текст: ЗЗНР), постоечката Дирекцијата за задолжителни резерви на нафта и нафтени деривати која беше основана согласно Законот за задолжителни резерви на нафта и нафтени деривати („Службен весник на Република Македонија“ бр. 84/08, 35/11, 84/12, 43/14 и 83/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 101/19), со денот на отпочнување со примената на ЗЗНР на 01 јануари 2021 година, продолжи да работи како Македонска агенција за задолжителни нафтени резерви, односно од 13 јули 2021 година како Агенција за задолжителни нафтени резерви (во понатамошниот текст: МАКОРА).
Задолжителните нафтени резерви се формираат со цел во Република Северна Македонија да се обезбеди високо ниво на сигурност и безбедност во снабдувањето со сурова нафта и/или нафтени деривати, односно за обезбедување на услови за интервентно снабдување на пазарот со нафта и нафтени деривати, во случај на нарушување на енергетската сигурност на државата предизвикана од пореметувања во снабдувањето со нафтени деривати од поголеми размери.
Финансирање
Обезбедувањето на финансиските средства за формирање, чување и обновување на задолжителните нафтени резерви, како и за активностите и работата на МАКОРА е регулирано во Глава V – Финансирање, во членовите 31 – 33 од Законот за задолжителни нафтени резерви.
Мисија и визија
Мисија: Формирање на задолжителни нафтени резерви најмалку до минималните количини пропишани со закон, нивно складирање, обновување и управување со истите, односно задолжителните резерви се формираат постепено, со цел да се обезбеди вкупните задолжителни резерви кои се чуваат во секое време во Република Северна Македонија да одговараат на најмалку 90 дена од дневните просечни нето увози или на 61 ден од просечната дневна домашна потрошувачка, во претходната календарска година, во зависност од тоа која од двете наведени количини е поголема.
Визија: Имајќи го предвид значењето на зајакнувањето на сигурноста во снабдувањето со сурова нафта и нафтени деривати со цел да се одбегнат евентуални пречки во работењето на внатрешниот пазар, а во насока на одржување на виско ниво на сигурноста на понудата на нафтени производи во земјата, задолжителните нафтени резерви треба да овозможат стабилност во обезбедувањето на пазарот, преку сигурни и транспарентни механизми кои истовремено се во согласност со начелата на внатрешниот пазар и конкуренцијата како и во согласност со европските директиви за нафтени резерви.